100.000 m2 for Skopje
Project/ Exhibition
Location/ Skopje
Year/ 2009
Team/ Authors: SCArS team + ARHITEKTRI team
The craftsmen in the interregnum of morbid symptoms
Трансформациите кои ги менуваат физиономиите на градовите на југоисточна Европа го покажуваат најбруталниот лик на процесите кои вообичаено се нарекуваат транзициски, иако за некаква вистинска транзиција тука и не станува збор. Имено, транзицијата подразбира процес на движење и развој од стара кон нова состојба, од застарени и напуштени концепции кон понапредни или барем пооперативни модели кои во најопшт смисол би ветувале општествено подобрување. Секоја општествена промена вклучува и повремени кризни состојби, а токму тие трауматски моменти би требало да послужат како поттик за сепарација од регресивните општествени пракси, како нужен чекор во еманципацијата на општественото битие. Но, во поголемиот дел на југоисточна Европа времето не само што е застанато, туку и самата криза е претворена во една трајна, во суштина не-транзициска состојба бидејќи не постои доволна количина колективна сублимациска енергија која траумата од промените би можела да ја преработи во напредок.
Добро познатото согледување на Антонио Грамши (Antonio Gramsci) прецизно ја опишува актуелната ситуација: „Кризата се состои токму во фактот дека старото изумира, а новото не може да се роди; во овој interregnum (период помеѓу две владеења) се појавуваат голем број на морбидни симптоми.“ Овој, веќе долг меѓу-период со симптоми на политички деспотизам, бескрупулозно профитерство и општествена безобличност не е нужно специфичност на југоисточна Европа; една порадикална критика ваквата ситуација би ја интерпретирала како глобална состојба, но периферниот и пограничен регион на западен Балкан кому поранешната Југославија, барем до крајот на седумдесетите години на дваесеттиот век му пружа каква-таква стабилност е потонат во една пред-модерна состојба, покажувајќи дека социјалистичкиот поредок бил неуспешен во изискувачкиот проект за развој на модернизациските процеси и воспоставување на демократски (во тоа време самоуправни) процедури.
Морбидните симптоми на актуелната општествена ситуација особено јасно ги рефлектираат процесите на производство на изградена средина кои во случајот на југоисточна Европа се вон дометот на конвенционалната архитектонска критика. Дерегулациските процеси, корумпираните политики на просторот, монументализмот и негативниот популизам ја протераа архитектонската култура од балканските простори и дури во неформалната градба би можеле да се пронајдат некакви назнаки на искрена досетливост со која би можело да се сочувствува бидејќи таа претставува непосреден исказ на темелните егзистенцијални потреби. Во услови во кои урбанизмот е колабиран, самата архитектура би требало да ја преземе улогата на конституирање на градот, а архитектонските проекти, доколку имаат амбиција за прогресивен придонес во јавниот домен, како хетеротописки интервенции мора да се насочат кон реконструкција на урбанитетот, како на ниво на самата просторна конфигурација, така и во смисла на интерпретација на програмот и настаните кои ги артикулираат. Архитектонската култура во современите градови сé повеќе се олицетворува токму во вид на изолирани архипелази на напредни концепти во морето на аморфното, неутралното или сосема комерцијализираното градско ткиво. Впрочем, след општото осиромашување на културата на јавното, напредната ахитектура стана своевиден луксуз или ексцес, но не на начин како во случајот со спектакуларната и брендирана интернационална архитектура, туку на сосема егзактно ниво на соодветни решенија за соодветни проблеми. Во таа смисла, напредната архитектура, било нацртана било реализирана, ги субвертира постојните стандарди на политичко однесување и јавен живот влегувајќи во сферата на критичкото дури и ако тоа не и е директна намера. Токму во тој критички клуч треба да се чита делувањето на архитектите од групата SCArS и бирото Архитектри кои великодушно истрајуваат во заговарањето на архитектонската култура во рамки на услови во кои речиси никој од нив тоа не го очекува, ниту бара.
Скопје е познато како космополитско место на модерна архитектура и урбанизам, како лабораторија на меѓународната соработка, солидарност и средби на различни проектантски позиции. Бројни домашни и интернационални архитекти оставиле свој отисок во градското ткиво, а познатиот план на Танге и денес е предмет на расправи и истражувања. Покрај сите концептуални контроверзи и дубиозни Тангеви читања на локалниот контекст, тој план, но и архитектурата која следи, поставуваат нови метрополитенски стандарди кои остануваат недовршени или неусвоени како типови кои понатаму би се развивале. Самата историја покажува недостаток на економски и на процедурални капацитети за спроведување на потполната метрополитенска обнова и урбана модернизација на Скопје, а практично и на сите други градови на поранешна Југославија на макро ниво, но кога стратегиите ќе затајат, преостануваат тактиките на помали интервенции и крпење (patching) на градот.
Сите три проекти на SCArS и Архитектри избрани за изложбата под наслов 100.000 m2 за Скопје претставуваат некој вид на „крпење“ и обновување на градот и засилување на интензитетот на урбаниот живот во рамки на затекнатите физички структури или во специфични или дури неочекувани урбани контексти. Веќе и самиот обем на површината, развиена во само три проекти, имплицира урбано мерило, но обемот сам по себе не значи ништо без содржина и проектантска резолуција, односно внимание и концентрација посветени на артикулација на проектот. Клучно во трудовите на SCArS е дека се работи за проекти од јавно значење: Градски трговски центар, Драмски театар и Универзитет за информатички технологии, така што јасно е дека станува збор за некои од потенцијално клучните пунктови на метрополитенската матрица на современо Скопје. SCArS кон сите проекти пристапуваат рационално и со висок степен на проектантска разработка и прецизност невообичаена за нивото на идејно конкурсно решение. Кога се знае дека проектите се настанати во период од само една година, веќе на прв поглед доаѓа до израз искрената посветеност на авторите кон задачите кои се концептуално конзистентни, емпатични, но и критични кон социјалниот и кон физичкиот контекст.
Во првонаградениот конкурсен проект за проширување на Градскиот трговски центар од 2008 год., изворно проектиран во 1972 год., SCArS во целост ја почитуваат концепцијата на постоечката градба со трговски галерии, поставени околу пешачки потег кој е средишниот р’бет на проектот. Постоечкиот комплекс, кој е еден од главните урбани елементи на центарот на Скопје, се згуснува и збогатува со додавање на уште еден кровен кат во кој се сконцентрирани „пакети“ со нови програми надоврзани на пониските нивоа. Проектот на SCArS ја искористува постоечката носива конструкција, како што и архитектонскиот јазик се надоврзува на постоечките пропорциски модули и растери. Бочните тераси и рампи остануваат недопрени, како што и средишниот јавен потег е оставен отворен во полна висина задржувајќи го карактерот на јавен социјален простор. Применета е тактика на дискретна доградба и контролирано, одржливо згуснување кое се надоврзува на веќе зацртаната типолошка логика и на веќе воспоставениот урбан идентитет. Градежното тело наследено од претходната модернизација еволуира со развојот на веќе постоечката градежна ДНК и токму поради таквата логика на почитување на квалитетите на историскот модел, интервенцијата делува така складно и едноставно. Важно е да се забележи дека таа постапка на згуснување преку додавање на кровни катови е воедно и една од поистакнатите карактеристики на „дивите“ интервенции во југоисточна Европа. (Компарацијата на тие неформални зафати и планската обнова, веројатно би дала интересни показатели и во смисла на можни одржливи тактики за урбан развој, како што би било од корист и социо-економско истражување на мотивите за овие, во секој случај, сложени импланти).
Како и Градскиот трговски центар, и Универзитетот за информатички технологии ги рефлектира актуелните процеси на згуснување на урбаното ткиво во регионот. Конкретно, овде повторно станува збор за запоседнување на отворениот јавен простор кој е во сопственост на градот. Со трансформацијата од социјализам во капитализам, градското земјиште станува сé повреден ресурс кој честопати се паразитира со нови градби. Така, постепено се деградира и нагризува модернистичката морфологија која се заснова токму на складниот однос помеѓу полниот и празниот простор, односно диспозицијата на телото на зградата во енформелот од зеленило. SCArS настојуваат да го сочуваат затекнатото мерило на објектите и порозноста на урбаниот простор, па својот предлог го развиваат во низа помали волумени поставени во две компактни групации (cluster). Западната група со наставните содржини се состои од четири волумени кои затвораат интимни меѓупростори во рамките на блокот. Целата парцела во сутеренот е искористена за сместување на ректоратот, наставните и другите содржини, како би се оптимизирала големината на волумените, а целиот систем би се обединил во функционална целина. Организацијата на ансамблот се потпира на средишниот потег, кој во сутеренот во вид на пасаж се протега од денивелираниот главен влез со главниот универзитетски хол до гаражата. Во сутеренскиот дел, светлото е пропуштено преку низа на атриуми кои придонесуваат кон раслоеноста на надворешниот простор и протекувањето на просторот низ целиот ансамбл), со тоа што тие би можеле да бидат и повеќе на број. Волумените на поединечните факултети и институтите со училници и кабинети имаат засебни влезови и во својот формат, и во ентериерот и во екстериерот, потсетуваат на станбена архитектура со што е интимизиран и омекнат институционалниот карактер. Конзолните исфрлања на амфитеатрите формираат екстериерни проширувања во вид на тераси, додека на последниот кат низ средината на објектот се развива тесен и долг атриум – озеленета кровна тераса. Атриумот е провлечен како мотив кој го раствора составот на телата на објектот, чинејќи го целиот ансамбл еден порозен организам. Назначената порозност би можела да биде уште посилно потенцирана, но тоа веројатно би предизвикало потешкотии во настојувањето волумените да се задржат во рамки на најмалите можни габарити.
Источната група ги обединува студентскиот дом, троделната спортска сала и пратечките содржини конципирани според слична, здрава идеја на „станбено соседство“. Самото решение на студентскиот дом е диктирано од програмата, па донекаде е шематско и во рамки на скромниот стандард на егзистенцијален минимум (existenzminimum), а внатрешниот вертикален продор, веројатно замислен како простор кој сугерира социјализација не е сосема во склад со целината. Но, секако е успешно лесното пулсирање на волумените, каде преку изменување на заедничките простории и соби во пресекот, се успеало да се добие подинамично решение на блокот и да се отворат балкони.
Додека фасадите во наставниот блок се третирани со полно застаклување со размерно густ, вертикално поставен растер, студентскиот дом јасно ја покажува својата станбена намена преку перфорациите на француските прозори и лизгачките капаци, исто така со вертикален формат. Со тоа, архитектонскиот јазик на двата сегменти е диверзифициран, но следи слична пропорција и ритам. Посебно внимание е посветено на обликувањето на јавните и парковските површини, истотака интерпретирани како пејзаж на неформални настани паралелен со едукациските процеси.
Темелната концепција на проектот е специфично анти-монументално и критичко решение кое универзитетот не го инерпретира како велелепен храм на знаење, туку како место на активен академски живот во кое архитектурата е лишена од симболички конотации и пред сé е осмислена во вид на оптимална поддршка на настаните кои ги вдомува.
Драмскиот театар е дислоциран од строгиот центар на Скопје и се наоѓа во станбен кварт во чија близина се наоѓаат и неколку факултети. Самото место има долга театарска историја од 1946 год. На парцелата денес се наоѓа релативно интересна, но девастирана зграда со елегантни хоризонтални пропорции реализирана во 1965 год. како дел од меѓународната помош за градот. Иако состојбата на постоечката конструкција на авторот на текстот не му е позната, секогаш постои одредено жалење или носталгија при отстранување на коректно испроектирани објекти, особено ако настаните кои тие ги вдомувале се впишани во колективната меморија.
Кога објектот на Драмскиот театар би се реализирал според бараниот програм, би бил еден од необичните хибриди произлезени од моделот на јавно-приватно партнерство кој и интернационално станува се попопуларен начин на решавање на важни градски инвестиции. Во овој случај, бараниот програм наменет за приватен инвеститор, по површина е четири пати поголем од самиот Драмски театар, кој е апсорбиран во амалгам од канцеларии, студентски дом, културен центар и две кино сали. Комбинирањето на програмот секако не е само по себе лошо, но прашањето е какво е оптоварувањето кое парцелата и околината можат да го поднесат, кои програмски комбинации се остварливи, а да не настане пореметување на прикладното одвивање на примарната функција. Концепциите на транспрограминг (transprogramming) или диспрограминг (disprogramming) на Бернард Чуми (Bernard Tschumi) полемизираат со монофункционалноста говорејќи за потенцијалите на меѓусебно продуктивни контаминации или преклопувања на програмот, но тие не имплицираат натрупување на релативно банални содржини туку упатуваат на зачудувачката комплексност на метрополитенскиот живот. Во таа програмска какофонија SCArS се одлучуваат за „воведување ред“ настојувајќи секоја од содржините да добие своја соодветна просторна рамка. Така настанува објект со симетричен U-пресек во кој бројни содржини уредно се распоредени низ основа и пресек, опслужени со низа засебни влезови и вертикални комуникации.
Речиси целото приземје и понискиот, средишен дел на пресекот на објектот го зазема театарот, додека околу него се обвиткуваат останатите програми. Со цел да се истакне Драмскиот театар како централна содржина, на волуменот на објектот, околу североисточниот агол е завиткана мембрана која обликовно се референцира со платното на театарската сцена. Таа на еден реторички, вентуриевски начин служи како означувач на содржината, а својата функционална смисла ја стекнува како голем билборд. Таа идеја е легитимна, но билбордот во својот дизајн можеби отишол чекор предалеку во експресивноста и е помалку механички аплициран врз инаку уредно артикулираното тело на објектот. Во влезниот хол остварена е убава просторна коегзистенција на скалиштата и извиената слободностоечка црвена плоха која кореспондира со црвениот тепих на подовите и создава елегантен театарски амбиент видлив и од пристапниот плоштад.
Сите три проекти ги карактеризира една сосем исклучителна емпатија кон стварноста, еден речиси интимистички однос кон затекнатото урбано ткиво и мошне изразено одбивање на секаква идеја за монументалност. Исто така, авторите во обликувањето и во формирањето на просторот настојуваат да се држат што поблиску до бартесовскиот „нулти степен на пишување“, како што воглавно и не се импресионирани од актуелните интернационални трендови. SCArS во својот проектантски израз се контролирани и кај нив се чувствува наследството на модернистичката традиција каде акцентот се става на што појасно и поегзактно решавање на проектантската задача. Се чувствува дека во некои проекти, малку повеќе слобода во волуметриското компонирање, би помогнала на композициските својства на проектот, но авторите преферираат компактни решенија со кои полесно би ги скротиле честопати претераните или контрадикторни програмски барања. На ова место, авторот на текстот ќе си ја дозволи слободата да им препорача на авторите понатмошна еволуција во праксата токму врз здравите модернизациски премиси кои веќе ги имаат зацртано; да не попуштат пред глобализацискиот еклектицизам кој архитектурата ја сведува само на, повеќе или помалку добро обликувани предмети, кај кои не може да се утврди генезата на проектантските одлуки ниту пак некаков егзактен придонес кон животот на заедницата.
Во спрегата на проектантска концентрација и посветеност во решавањето на објективни проблеми која SCArS ја искажуваат, може да се прочита критички став близок на оној кој го заговара Ричард Сенет, остро и скоро романтично критизирајќи го современиот цивилизациски момент: „Вредност која може рамноправно да се спротивстави и да ја неутрализира културата на новиот капитализам е вештината во изработката. Таа го претставува најрадикалниот предизвик, кој истовремено е најтешко е да се замисли во смисла на водечки принцип… Вештите поседуваат врвна доблест – посветеноста. Човек може да ги употреби зборовите „исправно“ и „точно“ со цел да опише колку добро нештото е изработено единствено ако верува во објективен стандард вон своите желби и вон сферата на пофалби од другите. И единствено тој вид на посветеност без (личен) интерес /барем јас така верувам/ може емотивно да ги подигне луѓето; во спротивно, тие се предаваат на борбата за опстанок.“
SCArS за сега сеуште делуваат во подрачјето на цртаната архитектура и наспроти победите на конкурсите реализациите на нивните пред се разумно конципирани проекти се уште чекаат во меѓу-периодот на морбидни симптоми и испади на ирационалност. Додека не се докажат како способни градители кои можат да ги совладаат и ограниченостите на градежната индустрија, SCArS за сега се чувари на едно знаење кое исчезнува, одржувајќи ја во живот архитектонската култура преку својата посветеност и ентузијазам „кој за себе не бара ништо“, но сигурно влева оптимизам во тоа дека архитектурата на просторите на југоисточна Европа, наспроти се, има иднина.
Мароје Мрдуљаш, ноември, 2009 год.